...необично, задолжително, луцидно...

Thursday, October 4, 2012

Заминувања 3


 

Последниот ден во месец ноември повторно те оставив. Триесетти беше. Некоја чудна иронија со датумот. Последен ден во месецот, а навестуваше почеток на седмицата. Чудна иронија и со времето. Можам да го објаснам, но  нема – залудно ќе биде. Залудно е.
Овде денес  имав чувство дека воздухот мирисаше само на мене и на Шанел-от кој задолжително го носев. Некогаш помислувам како тоа шишенцево никогаш не се прази, барем не онака како што го трошам. Сигурно  и миризливата материја се плаши да ме остави, иако јас без да размислам би ја оставила. Овде денес дури и утрово личи на мене: некако премногу топло и обоено за да биде зимско. Тоа е сигурно некој недоиспитан закон на малите градови-го попримаат мирисот и изгледот на најчестите посетители. И додека сето ова бесмислено ми протекуваше час од едната час од другата страна на главата се погледнав во широкото по зафатнина огледало и побрзав по скалите.
Чекорите ми одекнуваа по студениот бел мермер, што од високите потпетици на моите париски црни чизми, што од она што го носев во себе. Бев облечена во долг темнозелен капут кој се слеваше со телесните мои облини и формираше изглед на лесно оформена дрвена скулптура на сеуште непознато боженство. На левата страна кај крагњата ми стоеше брошот од калибар во форма на пеперутка. Пеперутка во ноември, можеби навестувајќи го повторното заминување. Еднодневно или и повеќе. Во рацете ја држев речиси преголемата црна чанта со име кое ме асоцираше на некое мало животинче, стуткано крај ѕидот на големата сива куќа од која секојдневно се плашев.Косата утрово ми беше многу послушна- сите кадрици беа на совршено место. Совршено. Усните ми беа уметнички исцртани со кармин со боја на рана вишна. А очите ми беа свежи и полни со слики. Наши слики.
Итав кон кафулето за да го испијам утринското кафе со тебе. Тебе, не само како појава, туку тебе како личност.  Итав наслушнувајќи си ги пребрзите чекори за така кревките нозе. Но итав и броејќи ги. Некои осумдесетина чекори, бидејќи утрово таму го одредивме пиењето кафе, или чај сеедно.
Те здогледав додека влегуваше во кафулето. Исправен и горд  дури и со своите години и негодини. Влезе, ја накриви главата во знак на поздрав на луѓето кои те погледнаа кога влегуваше, а потоа се упати кон закачалката на влезот, со соблече темно сивиот капут и проолжи кон најоддалеченото сепаре. Се завали удобно на кожното седиште и го гледаше моето доаѓање од прозорецот. Ми мафна дури, а дури и ми се насмевна. Јас не ти се насмевнав. Јас те погледнав само и се втурнав набрзина во кафулето.  Го слеков и јас мојот капут и го ставив токму до твојот, а потоа побрзав до тебе. Ти се исправи и стана од удобноста, јас ти ја пружив левата дланка речиси сеќавајќи се на минатиот бакнеж и уживајќи во тоа.Речиси! Ја принесе до себе, ја бакна и се обиде да го задржиш здивот барем неколку мига. Иако верувам дека повеќе сакаше Шанел-от да остане во твоите сетила повеќе од вообичаеното, а вообичаеното е недоволно изгледа. Сеуште недоволно за тебе.
Го порача своето кафе а јас мојот липов чај. Липа во ноември, па и не е така лошо. Липа,засладена со багремов мед.  Набрзо девојката го донесе сето она што во моментов ни требаше. Сега се прашувам: што точно ни требаше?Ти требав ли јас на тебе, или ти на мене? Си требавме ли ние?
Девојката остана доволно долго над сепарето за да се зачуди зошто ти сеуште ја држиш мојата дланка во твојата а ниту еден од нас не носи прстен. Ја погледнав како да и ги читам недоумиците, скокнав кон закачалката и веќе следниот миг бев надвор во ноемвриското  сега веќе студено утро со капутот, попримен со твој мирис  и чантата во раце.
Тогаш, на тој триесетти ноември јас повторно ја чув возовата сирена и повторно се упатив кон железничката станица на овој мал град. Те оставив со липов чај и багремов мед, со твоето сега веќе испиено кафе. Те оставив и без прстен на раката.
Те оставив по не знам кој пат и се качив повторно во возот кој заминуваше. Возот кој уредно ја чуваше својата реа подалеку од мене.

No comments:

Post a Comment