...необично, задолжително, луцидно...

Thursday, September 27, 2012

Заминувања (незавршени писма) 2



5.
Следниот пат заминав во септември, месецот на преобразбите. Дваесет и трети септември  во 13:00 часот, токму кога денот пенетрирачки навлегуваше во дваесет и четири часовното деноноќие, да не речам секојдневие. Овде, во овој град летото сеуште поигруваше наоколу мамејќи ги сенките на луѓето да заиграат по бетонските плочки на улиците. Разигран септември. Беше средина на неделата и сите се чувствуваа веќе покомотно отколку на почетокот на седмицата. Наминав во цвеќарата близу до омилената ми кафетерија, но не да купам цветови туку само да им ја видам реакцијата на овенатост. Да, беа малку подовенати. Тажно!
На себе сеуште носев полу летна облека : светло сино здолниште од жоржет и иста таква кошула која слободно паѓаше на деколтето истакнувајќи ми ги сеуште правилните форми. Здолништето не ми ги откриваше ниту колената а сепак го чувствував секој поглед кој  доаѓаше кон мене и застануваше тука некаде. Пусти погледи и желби!Носев средно голема чанта, доволно во неа да го сместам најпотребното. На нозете носев високи потпетици - типично за мене, со боја на  убаво узреана банана и исто таков шешир кој ми го затскиваше речиси половина лице. Но устата  ми се гледаше. Денес не ставив кармин, усните ми беа природно црвени од синоќешното колебливо гризење размислувајќи за возот, за возовите. Смрдат возовите, па се прашував дали и патниците ја попримуваат истата таа смрдеа од нив или остануваат имуни на неа. Јас сеуште сум имуна. Фала ти  Боже, иако не верувам во тебе

Се сретнавме нешто пред  12:00 частот сосема доволно за да се забележиме како средба. За да ме забележиш како средба.  По игра на случајноста, во која сеопшто не верувам, и ти носеше шешир. Го носеше накосен на десната страна при тоа откривајќи ја левата за која сметаше дека ти е поубава. А јас, јас мислев дека целата лева половина, започнувајќи од врвот на главата па се надолу кон ножните прсти ти е погрешно преценета. Во твојата лева половина немало и сеуште нема ништо. Ти погрешно се процени всушност. 

Ми дојде одзади најпрво прегрнувајќи ми ги рамената а потоа и половината. Ме стегаше премногу силно но само за да ми ја откриеш машката доминација во силата. А умот? Умот ти беше настрана од сето ова. После неколку минутното впивање на  Шанелот кој испаруваше од мене ме поведе за рака и седнавме во најблиското кафуле.Дваесет и пет чекори.Понекогаш ги бројам. Не беше она добро познатото за мене, но направив отстапка.  Кавалерски ми го повлече бамбусовото столче и речиси ме вовлече во него. Нарача дури и за мене кафе, а јас ти дозволив – иако никогаш не го правам тоа. Можеби рамнодушноста  си го направи своето, па ете – ти дозволив.  Ме гледаше неколку мига и потоа почна да ми ја допираш десната дланка. Речиси нежно.  Помислив дека можеби денес ти е допирот поинаков, или само го посакав тоа. Којзнае, желбите и реалноста се косат  понекогаш. Се искосуваат. 
Кафето го голтавме двајцата набрзина. Небаре ќе немаше друго, па сакавме да му го осетиме сиот  вкус во една или две голтки. Перверзно!  Извадив цигара, ја наставив на муштиклата а ти со твоето внимателно однесување набрзина ми запали.  Вовлекував силно, онака како што сакаш ти. И` ме гледаше. Ме гледаше како да сум твојот одамна посакуван плен. А јас речиси невино уживав. Убави се погледите на крајот. Убави се погледите кон крајот. Убави се!
Со следната голтка веќе и го допив кафето.  Ја изгасив и цигарата, иако не беше до крајот.  Но ако. Сакам кога ќе можеш да го гледаш она што останало после мене, макар и тоа бил обичен отпушок од дамска цигара. Цигара која била во мојата уста, во која несомнено би посакал да си сега. Сиот ти. Кутар.
Набрзина станав, се наведнав кон тебе, го извадив шеширот за миг и ти дошепнав на левата страна `` Заминувам``.
Потоа со шеширот во раката побрзав кон бетонските плочки. Те оставив неколку мигови да гледаш во мојата коса а потоа ја покрив со шеширот. Знаев дека ти треба тој поглед затоа што следниот веќе ќе ти беше насочен во пепелникот со отпушокот.
Повторно те оставив денес и брзав да го фатам попладневниот смрдлив воз. Оној воз во кој патниците ја попримаат неговата смрдеа во кој јас сум само минувач. Оној воз кој несомнено води некаде - никаде!






Wednesday, September 26, 2012

Заминувања (незавршени писма)



1.
Нема, нема да напишам ништо конкретно,ниту пак нешто сензационално, нема да напишам ни збор од видувањата, но ќе напишам реченици за заминувањата….
Првиот пат заминав на пролет.Беше април, седумнаесети април и ужасно топло. Ужасно топол ден. Носев лелеава блуза со боја на штотуку процветан јоргован која мирисаше на тебе. Беше тоа некоја свила која може да го поприми и мирисот на ветрот. Носев со себе неколку мигови среќа но ги оставив во вагонското купе, онаму на масичката до прозорецот каде си го гледав расплаканиот лик. Беше седумнаесетти април и јас плачев.
Паметам одев некаде, тргнав некаде , но не паметам каде стигнав. Знам сакав само да заминам набрзина за да не може да ми се најде трагот. Женска брзоплетост. Сакав да му побегнам на релативитетот на времето или сакав минатото време да го ставам во рамка. Нејасно! Дрвена убава рамка со два среќни лика.
Жално! Не успеав. Жално! Не успеа ни ти.
Те оставив. Те оставав секој пат кога времето мирисаше на ново.
2.
Вториот пат те оставив некаде во јануари. Тешка зима и уште потешко време, речиси како бреме на нечив кутар грб. Чудно е што повторно го памтам денот. Деветнаесетти јануари, сабота. Снежна зима и миризливо утро. Ја носев бундата од поларни лисици, која ми ја подари ти и која толку многу ја мразев, но ја носев. Всушност го носев споменот, го влечев, а тој ми тежеше. Ужасна бунда. Ја носев тоа утро со причина повеќе, мислејќи дека ако мразам нешто ќе го мразам и заминувањето. Се сеќавам го носев и твојот омилен парфем, Шанел 5, не дека го сакав , но ете го носев едноставно и позајмено. Косата ми беше нескротливо бушава, што од зимскиот воздух, што од немирните соништа во главата. Косата бушава – пак како што ја сакаш ти. И тогаш во тој деветнаесети јануари си отидов од кафулетово 09:03 минути, и го оставив недопиен чајот од липа. Знаеш, ми требаше за смирување, но се смирив. Те погледнав преку прамените бушавост, не ти се ни насмевнав и побрзав да го фатам возот кој тргнуваше во 09:10 минути. Сирената веќе ја слушав.
Итав да се качам во возот што  за малку ќе ја загубев високата потпетица од француските чизми. Ужасно скапи. Барајќи си го купето во вагонот наидов на многу копнежливи погледи, од кои едните ме гледаа како курва а други како светица, а за нивна жал бев само жена. Епитетно само жена.  Со бунда од поларни лисици, со француски чизми, познат парфем и црвен кармин, сеуште бев само епитетна жена.
Ете на деветнаесети јануари те оставив по втор пат.
А измеѓу… Измеѓу не знам каде бев. Не ни ги помнам ни правците ни местата ни локациите. Не помнам ништо. Го помнам само денот, деновите на заминувањата и ужасната смрдеа во возот кој секогаш заминуваше некаде.
3.
Третиот пат те оставив во фебруари. Веќе затоплен фебруари а не со бодликава ладност. Беше дваесетти во месецот и фалеа уше точно осум дена за да почне миризливиот март.
Да, третиот пат те оставив на дваесетти фебруари во 16:45 минути. Зимска квечерина, убаво време со ведро небо и мирис на печени костени по улицата со липите. Чекоревме со занемарлива одвоеност од едно тело кон друго. И тогаш разбрав дека и пред вистинското заминување, јас всушност сум заминала. Носев тогаш мантил со боја на есенски смог, кој ми ги покриваше само колениците, а оставаше простор за поглед надолу под нив.  Одев спокојно крај тебе и како да сакав да ги одморам нозете од високите потпетици, па подзастанував по малку. Подзастанував по малку во оние моменти кога ми доаѓаше да изустам некој сложен збор. Знаеш, со тебе не можев да користам сложени зборови, зошто така не ќе се чувствуваше ти доволно ти за да бидеш со мене. На себе повторно го имав Шанел 5, за кој знам што мислеше и покрај омиленоста….мислеше мирис на искушенија, мирис на една курва. Зарем? И знаеш, секогаш се смешкав кога го држев в раце правоаглоното речиси обично шише од парфемот и помисував како тоа може сетилото на еден маж да е толку погрешно , секогаш погрешно.
Се завртев , си го подзакопчав мантилот и во 16:45 си заминав по трет пат …….
Меѓу третото и следното заминување  се наоѓав во состојба позната само на мене и на оние кои ме среќаваа. А ме среќаваа ретко. Не, не се криев, само се обидов да бидам незабележана, и некако  тивка- дури несвојствено за силуета како мене. Не верувам дека успеав во замислата, зошто Шанелот секогаш го пронаоѓаше својот пат, а јас верно го следев него.
Знаеш мирисите се памтат, тие секогаш се памтат, дури и кога не се твои. А јас овој што го имам на себе не е мој, го носам позајмено-зошто тоа не сум јас. Ова не сум јас. Јас сум поинаква, јас сум создадена поинаква.
4.
Четвртиот пат те оставив во јуни. Те оставив на почетокот на едно долго лето. Неподносливо топло лето.  Беше 5 – ти јуни, ден четврток. Оној ден со кој јас сакам да ми започнува неделата.
Рано наутро, некаде околу осум часот седев во кафулето спроти зградата со најубави балкони и мирно си го пиев првото утринско кафе. Вкусот му го паметам но не и состојките. Сега кога ќе се сетам , момчето што работеше таму совршено знаеше што сакам иако ни јас самата не знаев. Ми носеше шоља најубаво кафе со некои додатоци од кои имаш чувство како да имаш оргазам, а тој се шири низ секоја твоја пора, и трае и трае. Момчето секогаш пред да ме послужи ме гледаше од прозорецот некои 3 минути, а јас го знаев тоа и му дозволував, иако не сакам кога ме зјапаат. Но ова го правеше тоа со прецизност и милина. Така и денес. Прво ме гледаше во нозете, и задолжително ги забележуваше моите чевли. Денес тие беа  светло кафени со нежно ремче околу глуждот. Не знам каде ги купив, навистина. Потоа погледот му се движеше кон колената, кај кои задолжително запираше и ја подголтнуваше плунката за потоа да продолжи кон здолништето. Тој дел брзо го прелета, чинам не ни забележа дека тоа беше убав ленен фустан со боја на ленено семе кој имаше копчиња на сета негова должина, која пак  беше до над колената. Брзо го претрча фустанот за да застане на голите рамена и да запре на ѓерданот направен од килибар. Запре таму, па продолжи да ме набљудува како  ја држам муштиклата , и како го вовлекувам димот од тенката цигара, длабоко, длабоко, за потоа да издишам на префинет начин кој тебе те вадеше од кожа. Правеше да се чувствуваш понижен и засрамен- еј еден единствен дим од цигара. Момчето прекина и во тој момент го добив своето оргазмично кафе. Се наведна кон мене само заради Шанелот кој речиси беше појак од мирисот на магнолиите од кафулето.
Во моментот кога момчето заминуваше , се појави ти. Се наведна  кон мене, нежно ми ја зеде раката , ја бакна и седна до мене. Тогаш, тогаш мислев дека ќе го одложам заминувањето. Гестот со бакнувањето на рака ми беше сосема нов и несекојдневен. Но, не се останува некаде со некого само заради гест. Ми рече дека сум прекрасна а јас ти се насмевнав само и го прифатив секојдневието. Ми рече и дека би требало да сме уште долго заедно, но не рече дали сме заедно. И за да го прекинам траењето на ``би требало``  кога го допив кафето си заминав.
Заминав набрзина во насока на железничката станица , прво брзајќи за да ти се изгубам од зачуденоста на лицето, а кога веќе бев доволно оддалечена, тогаш успорив, нога пред нога , чекор по чекор продолжив да го бележам четвртото заминување.

Friday, September 7, 2012

Оддалечена (или песна за растојание)



Нурната во стари адреси и фотографии,
со лице од минатото,
и подготвеност да се сретнеме повторно - нови,
со судар на патот како предизвик, 
трансформираме сила,
која помага да се создаде друга сила посилна - мојата,
но сфаќам дека одеднаш воздухот се запалил.
Гледај!