...необично, задолжително, луцидно...

Wednesday, April 25, 2012

Во нашата книга


Во нашата книга:
нов обид и неколку разлики,
напнати и на работ на постоењето,
а тоа подолго од вообичаеното.
*
Во нашата книга:
погледи оклу себе и продолжување,
застанато од време на време,
а тоа одбива да слуша.
*
Во нашата книга:
вистина и лага.
распослани за чуствување на непознатото,
а тоа расположено за романса.
*
Во нашата книга:
чекања и чекални,
ослободени од силата на искреноста,
а таа подготвена за впивање топли души.
*
Во нашата книга нема зборови.

Monday, April 23, 2012

Промена



Луѓето се читаат како книги! Вообичаено почетокот им е напишан на лицето, крајот на дланките а средината - се разбира во очите.

- Можам да ти бидам ликот додека спиеш и сониш.
- Можам да ти бидам здив во свежо мајско утро.
- Можам да ти бидам бегство од непознатото во тебе.
- Можам да ти бидам поглед на животот и линија на дланката.

Можеш да ми бидеш речиси се`.
Но....
Те поставувам на ново место, а моето останува непроменето.

Friday, April 20, 2012

ВИС(ини)




Ќе ти дадам храброст,
и чуден начин на прикажување.
 Ти дадов!
Ќе ти дадам од повеќето повеќе,
и моите соодветни расположенија.
 Ти дадов!
Ќе ти дадам декларација за љубовта,
и сопственото срце.
 Ти дадов!

* заминување- толку болно придвижување.

Tuesday, April 17, 2012

Кон некоја (не)случајна буква


Кога сум охрабрена да носам црвено,
и суптилна тага - со голема трага,
свесно правам возбуди кон интелектот,
кој привлекува,
а говорот на телото ми е следен од тебе,
и забележан од другите,
тогаш,
имам доволно знаење за тебе,
иако на твој начин ми ветуваш љубење над хоризонтот,
но само на 5/10 минути,
па потоа исчезнуваш,
и на прво место го поставуваш блесокот на увид,
на ниво повисоко од претходното,
што за еден ден е премалку,
а за еден живот премногу.

* Буквите безрезервно се љубат меѓу себе.

Wednesday, April 11, 2012

Јасност



Во вистинска смисла,
се` уште ми пристигнуваш.
Одложувањето не престанува целосно,
сомнежите мачат,
натопени - како озборувања во себе.
Но, колу вистина има во слушањето?
Колку вистина има во сета таа искреност?
Го означувам твојот одговор,
со сите грижи во него.
Но, дали ти е потребна само една љувов,
независна од минатото а, зависна од мене?
Те оставам во облаците - таму и те најдов.

Monday, April 9, 2012

Чувство седнато во аголот на едно тело



Моќта има еден единствен бран,
кој талка од мене до тебе наизменично,
не полни , па не празни,
покажувајќи ни дека со допирањето на животот симулираме токму живот,
во кој светот можеби е креација од само мои мисли,
или пак и само од твоите,
а јас,
јас сум тогаш безболна како воздух,
како воздух надвор од себе,
и кога не знам што да правам,
си поигрувам со положбата,
па,
еднаш те исполнувам во очите,
друг пат во грлото,
трет пат во градите,
и,
останувам таму,
таму како мачнина,
како повеќе часовен трепет во кој знаеш :
надвор од себе сум,
а внатре во тебе сум,
и последните свои сокови живост  ти би ми ги дал токму на мене.

Friday, April 6, 2012

Отфрлање на обликот




Ми праќаш здрав тон за да ме разбудиш,

и ветер во денот за да ги разбрка чувствата на несоодветност.

Ова е исклучок.

Мала идеја - голем план!

Мала идеја - голем пропаднат план!

А предмалку добивав црвени знамиња и изминато време,

од некој кој не ја дели љубовта од идеалите и естетиката,

од некој кој не ја разликува потпората од потоп.

Насилен однос или освојување?

Облак од екстази и отфрлање на обликот.

Облак од екстази и отфрлање на обликот - за жал.

Tuesday, April 3, 2012

Триесет и четвртата


Движење на планетите -
молкум, без лоши работи една за друга.
Се случува:
вриштење од радост, липање од тага и искушенија.
Безбедност, посветла боја и напредно срцебиење.
Колаж од светлечки бои и виножита,
пропорционално исто толку и темнина.
Напредок во спојувањето!
Планот за иднината се пишува со молив.
Рекапитулација: ново ниво на лична среќа.
-
Премногу добри совети.

Monday, April 2, 2012

Триесет и трета порака


Се` доаѓа од главата и кружи по телото,
додека се прашуваш или констатираш:
-Ова воопшто не чини.
 А тоа другото-скокотливото се случува насекаде.
Се случува ненадејна потреба да се добијат сите одговори,
спакувани во црвена плишана кутија без бес за пакувањето.
Застареност.
Потрошеност.
Истрајност?
Денес не можам да го спречам создавањето на енергијата.
-
Мислата и логиката се две спротивставени категории на боиштето!