...необично, задолжително, луцидно...

Wednesday, February 29, 2012

16 - та порака


Кога нешто недостасува,
нешто трајно, а несовесно чувано,
тогаш си сведок на загубата  во која,
човековите суштества се премногу (не)обични.
Голем со онолку колку што можеш, а не сакаш.
Изманипулираност?
Не, вистина!
Им веруваш на своите инстикти - исто и јас на моите.
*
Интуитивно знаеме во кого може да веруваме, а во кого не.

Tuesday, February 28, 2012

Порака број 15 (потреба)


Во објектот на твојата желба,
ништо не те спречува да одиш онаму
каде никогаш не си бил,
освен ти самиот.
Патувај!
Сонувај!
Исполнувај!
*
Не сме луди како што изгледаме - туку повеќе!

Monday, February 27, 2012

14 - та порака (сага)



Додека кожата гори,
те гледам со илјадници стари сеќавања,
и исто толку нови направени,
помирени со фактот на простувањето дека,
ете, некогаш можеби и љубовта ќе си ја простиме.
*
Понекогаш и голата вистина се облекува.

Thursday, February 23, 2012

Љубовна


Моќна топлина и блискост.
Преблизу и тивок лелек.
Шепот.
Скокот насекаде.
Посакување!
Посакување!
А кога темпото станува премногу брзо,
и кога те оставам без здив тогаш - криење во тебе.
Во денот те помислувам илјадапати.
Стоиш запишан на моите линии,
како што стојам јас запишана во криењето.
Лежиш пред мене - циклон!
Кратка приказна :
те создавам во главата - те имам насекаде.
Насекаде.

Tuesday, February 21, 2012

13-та порака


Мерење на тежината на лоша и добра страна.
Лоша.
Добра.
Средина нема.
И ќе се видиш на нечие лице - (не)фер предност!
А долу на Земјата: погледи на ист начин.
Ококоравени очи.
Повторно солзи!
*
Никој не ја копа една иста бразда на ист начин - повторно!

Monday, February 20, 2012

Џеремаја



Ќе ти ставам душа на крајот и солзи на почетоков, ќе мирисаш на морско бранување и нема да знаеш да возиш.Ќе глумиш лудост, самоубиство и живот. Ќе бидеш многу и истовремено малку. Ќе бидеш задоволство ....за очите, за сите и за никој....

Џеремаја...Неговото добро изгледање како и неговата сигурно избалансирана арогантност, потекнуваат веројатно од прекумерното јадење мајонез, било да се работи како прелив во Цезар салатата или како додаток во малите коктел сендвичи.
Џеремаја започнува во едно градче во кое невозможно е да се живее живот каков што тој посакуваше за себе: живот со колоритно зелена боја и мирис на Yves Saint Laurent. Затоа тој се пренесе овде. Овде и сега. Овде и сега започнува.
Започна онаму каде што му се беше скрила половината од неговиот живот, точно на половината, а има 34 години. Започна точно во мигот кога ја криеше сликата под неговите несекојдневно долги трепавици, во неговите најцрно црни очи. А сепак не беше ѓавол.
Не беше ѓавол но потсетуваше на него - се потсетуваше на него. Честопати се прашуваше кој е полош: тој или ликот во него? Неодглумено!
Џеремаја понекогаш толку искрено сака да биде момче, но длабоко во себе знае дека е девојче кое си ја слекува облеката секогаш кога ќе потечат солзи.
Неговите солзи.
Солени солзи.
Слатки солзи.
Сеедно солзи.!
Така тој го разбираше светот и дејството на живот околу него.
Беше млад а можеше да биде и помлад. Можеше да биде и постар. Да речеме да има некаде околу шеесетина години и да пишува, или да пишува пак. Можеше да држи во рацете махагони бастун, но не како помошно средсрво за неговите години туку како средство за разликување од неговите шеесет годишници.
Џеремаја се замислува често и како спротивност од она што сега е, како конечен анонимус, иако и кога би се случило тоа би бил далеку од она што ние овде го викаме живот. Но во своите 34 поминати есени еве го Џеремаја - убавец кој не знае да вози, кој дури и не знае да оди, кој својот живот го започнува токму со јамката околу вратот, со столчето под себе, со јажето закачено на највисоката греда од старата куќа и со стиховите:
 ``на овој свет да се живее не е ново
   но и да се умре не е ново исто така``,
обидувајќи се смртта да ја прикаже како поинаква можност за живеење.

Џеремаја!

Порака број 12


Треба само да се изјаснеме - јасно!
Не мора гласно.
Може да е тивко, а ехото да остане да се влече по нас.
Да остане и шепотот.
Треба да се изјаснеме - јасно,
и да го понесеме теретот на зборот.
Разбрана перспектива?
Да!
*
Добрата вест доаѓа од(не)познатото.

Friday, February 17, 2012

11 - та порака


Можеш да го кажеш она што сакаш да го кажеш,
но не и она што јас сакам да го кажам.
Наместо да ме критикуваш - ти поклони му се на богот од градите.
Моите гради!
Комбинирање на искреност и љубов?
*
Љубовта никогаш не е искреност. За љубов најмногу се лаже!

Thursday, February 16, 2012

Порака број десет


Во режија,
по шема,
од метафизика до филозофија - крстопати и во моментот.
Предај ми го времето!
Јас те познавам денес подобро од вчера,
и можеби имам допир на ставање во линија,
под линија - жолта.
Ако ти кажам дека цветовите прецветуваат-тоа е конкретна материја,
а ние - апатични луди.
Ова е во ред?
*
На задната страна на умот стои искушение - секогаш!

9 - та


Вообичаено (можеби) е да се има тенденција повеќе кон надвор отколку внатре.
Вообичаено (можеби) е и да оставиш јавен траг,
трага,
траги.
Но што е со анонимноста?
Не е ли таа некој белег?
На минатото.
На сегашноста.
На иднината.
*
Основата на секое чувство е во мислата. Мисли!!!

Wednesday, February 15, 2012

Порака број осум



Понекогаш не е можно да се чека одговорот.
Така се решаваат задоволствата.
Силни!
А зад нив постои сила која ограничува.
Разделување и разденување.
Одиме споени,
а си бегаме во сите денови:
од понеделник до недела.
*
Трпение мил/а,о. Трпение!

Tuesday, February 14, 2012

Седма



Да се продолжат целите.
Со минимум до максимум - идеално!
Љубовта е некогаш многу долу,
а сите годишни времиња високи - горе,
како вкусување на човек.
Те заразувам со себе,
а ти, инспирираше создавање на лик.

Јас создавам светови.

Monday, February 13, 2012

6-та порака



Најлоша систуација :
Дејство поради крими серија,
која ја гледаат двајца.
Оправдано.
Силно.
Неумешно.
Строго и гадно.
Еднаш ако го видиш светлото - иде крајот.
*
Молчи љубов - пишувам живот.

Порака број пет


Време - сегашно или идно!
Кога прв пат ќе се разбудиш,
гледаш,
стигнала пошта,
и тоа за сите:
освен за тебе!
Многу длабоко.
Споделување на најдоброто од себе со другите.
*
Сламка за смукање соништа не даваат во ниту еден бар. Протест!!!!

Saturday, February 11, 2012

Порака четири



Ментална страна - лева!
Вашата способност - ваша задача,
јас внесувам белешка со одредување на идеи кои се појавуваат.
Многупати.
Поднесено барање!
Проверка во унапредувањето!
И забелешка :
``Кога е последен пат - ете тогаш се гледа``

Friday, February 10, 2012

Трета порака


Здодевност!
Бизарно но и фасцинантно,
лицето ти е во вид на прашалник,
од една мала долетана криза.
И толку.
Ти овозможив прашања,
мали,
сосема малечки,
како кругови во трошење на внатрешен извор.
А јас и ти се поврзуваме на сосема нов начин.

*Во искушението секој прво се насмевнува. А потоа - плаче! 

Thursday, February 9, 2012

Порака 2


Сврзување - клучен збор!
Сврзување на нови идеи, поблиски до луѓето.
Сврзување на новооткриени цели, болдирајќи ги секогаш кога ќе ги подзаборавиме.
Сврзување - носи љубов, во која времето на размислување не е дозволено.


*Останав во тебе за да присуствувам на ново раѓање.

Порака прва



Како лош знак,
или како добар патоказ,
е најмногу од она што ти го фаќа окото,
како некој транзит или можна среќна резолуција,
во зависност од поимањето,
мислиш дека:
секогаш најдобро ме познаваш,
занемарувајќи ја екцентричноста на твоето око,
кое секогаш лаже.
Лаже!

* Ќе дојдам наскоро!

Saturday, February 4, 2012

Веќе видено

Замислена и на сонување,

се наоѓам со ослабено чувство,

на оптимист во распаѓање,

и танцувам напразно - без музика,

а чувството за насока лаже - го познавам,

те познавам,

ве препознавам.

Friday, February 3, 2012

Таму сум и се случува сешто

Таму сум и се случува сешто


Можеме да бидеме поинакви денес
да се прилагодиме на околностите,
да иницираме,
но,
ти само мене ме имаш на ум,
и (не)правењето на првиот чекор,
кој  токму затоа љубовта ја прави идеализирана бајка,
со  неподнослива топлина од 42 степени,
и траење – бесконечно,
и неразумно,
слично на ставањето превез преку очи,
баш  кога си сакал да прогледаш,
и да видиш дека,
на погрешен начин се абат емоциите,
без размислување,
без почитување,
само колку да се потрошат,
се до оној момент кога после нив ќе остане,
повеќе трезност од вообичаеното,
и токму таа трезност ти вели дека имаш добар поглед,
а ти слеп (со превез),
и си го навредуваш минатото,
и си го навредуваш и детството,
небаре само тоа знае да вреска од тебе,
како она чувство за преселба ,
како онаа причина за одење наназад,
која освен неколку бранови ладна пот -  не ти носи ништо друго,
и не ти носи ништо вредно,
туку само увид на давање и земање,
повеќе земање,
повеќе земање,
само земање,
во кое земање секогаш доцниш,
со насока за следењето на твојот непостоечки идеал,
сега заменет од мене,
мене како темперамент пред работ на твоето постоење,
кое одамна не го гледаш со своите очи.
*
*
Не заборавај да (дека) си сам.
(Ова не е фиксна визија за иднината.)