...необично, задолжително, луцидно...

Friday, March 30, 2012

32 - ра порака


Доволно силно време за:
особено и брзо да се потроши еден ден на комуникација.
Јас после ќе се сеќавам.
Ти после ќе се сеќаваш.
Може ќе се прашуваме и потпрашуваме.
Мене ќе ме повлече прашањето и прашувањето.
А ти?
Треба да слушнеш колку навистина се грижам за тебе.
Оставаме илузорни впечатоци,
како резервација за минатиот пат.
-
Правам насмевки без одложување.

Wednesday, March 28, 2012

Порака 31


Огромна можност чека крилја - моите,
а нема лесен начин да се добие посакуваното.
Има само начин.
Те добивам над неа.
Еј, те добивам над неа!
Евентуалност наместо нурнување.
Мојата глава е премногу ѓаволска за тебе.
-
Промената е напредок!
(знаеш што не си можел)

Monday, March 26, 2012

30- та



Доаѓа замрсениот ден.
Прапочеток, почеток,
ентузијаст во животот,
и вообразен во живеењето.
Прашува за мислење,
станува упорен,
останува упорен,
само за да ја надмине својата дилема
претворајќи ја одново и одново во тежина,
а таму- само верувањето може да се најде.
И дното!
-
Во мојата книга и месечината носи светлина!

Saturday, March 24, 2012

Порака 29 (речиси крајна)



Во новата светлина на денот: обврзници и заложби,
и датумот кога се случуваат.
Неверојатни лица и синхронизација со луѓе.
Мојата слика може да го замати идеализмот,
но разбирливо е кога се` има две спротивставени чувства во себе во исто време.
Делови од една личност што стојат зад него,
зад мене,
зад тебе.
-
Во вода се топат сите стравови на повреди и отфрлања, но и замрзнуваат.

Friday, March 23, 2012

Порака број 28


Небо. Синило. Височина.
Ментални слики на акутност и острина.
Овој момент во голема мера е ирелевантен.
Речиси како носталгично чувство.
Небо. Синило. Височина. Пад.
На блокче ги скициравме погледите,
за да останат таму кога балансот ќе се наруши (или не).
Речиси носталгично чувство.
-
И кога сме на врвот на сопствениот свет, би требало да ги подаваме рацете кон небото (ние малкуте).

Thursday, March 22, 2012

Дваесет и седма порака


Да се направи смисла,
за нив,
за себе - тоа ќе потрае некое време.
Отпразнување на сите страшни мисли,
и замена на нив со бестрашни.
Ќе мора да се маскираме.
Наредба и извршување!
А тогаш,
тогаш
потрагата ќе падне страсно во рацете и ќе заврши.
-
Да се биде сигурен што навистина се сака е дарба. Соочи се со неа!

Wednesday, March 21, 2012

26-та порака (предвремена)


Луѓето околу мене речиси секогаш скокаат пред себе.
Се влечат и извлекуваат од она што човек значи,
а јас молчам - емотивно доста храбро.
Преку мојот систем ти ќе бидеш среќен,
со себе (од мене) без разлика што остварувањето можеби некогаш и завршува.
Ова е лирика за моето чувство.
-
Што ако љубовта е грев (реторика)

Tuesday, March 20, 2012

Порака број 25


Кога силата на искреноста треба да импресионира некого,
чекањето само по себе е нестандардно.
Прво чекаш збор како за почеток,
потоа чекаш (и)збор како за крај.
Низ нив сфаќаш дека не е ни малку лесно да се биде искрен,
ако се знае дека во многу погледи од страна,
револуционерите одат преку своите револуции.
*
Ако сакаш да ја изедеш нечија  душа ќе видиш дека немаш желудник за тоа.

Friday, March 16, 2012

Дваесет и четврта порака


Пред спиење:
визија за сите можности, од која би можеле
да излезат сите охрабрувања за креативноста.
Пред спиење:
интеракција на едни мисли со други.
Пред спиење: сон!
Кажи ми колку сум една и направи ја разликата поголема.
-
Во ова време сепак сите сме само оптимисти.
И ти.
И јас.
И другите.

Thursday, March 15, 2012

Порака број 23


Токму денес,
кога знам на која страна да се завртам - исфрлање од рамнотежа.
Токму денес,
кога знам дека клучната можност е чекањето
тоа е под влијание на чудни неочекувани сили.
Токму денес,
ќе биде подобро да се остане во себе,
наместо да се влезе насилно во било која минута од времето.
Токму денес,
интелектот (ми) работи во хармонија со интуицијата,
а јас сум само размислување - втемелено во стварноста.
*
Многу сме подобри во гледањето на вистината, отколку на лагата - а треба да е обратно.

Tuesday, March 13, 2012

Моментум



Подготви се!
Ако се занишаат чувствата доволно силно,
ќе имаме помалку можности за молчење.
(кога е убаво се молчи)
Ќе се развијат прашања по однос на слободата и посветеноста,
кои само ќе се одбиваат од тивката опседнатост.
А телото копнее и по шепот,
не само по допири - и ќе ги најде,
онаму каде што ќе се обидеме да содржиме доволно чувства,
можеби  во драмата од 5 чина :
прв чин - јас,
втор чин - ти,
трет чин - заедно,
четврти чин - одделно,
во петтиот чин - празна сцена.
Моментумот оди, поминува.
*
Твојата фантазија - твој животен сплав.

Friday, March 9, 2012

22- ра



Во однос на лицето во себе,
ти сакаш да си ми близу.
Сакаш наместо да чекаш - да правиш.
Сакаш да не се преоптоваруваш со себе,
зошто промените никнуваат насекаде, од секаде,
и сосема е спротивна реакцијата од мислата за денот (изминат),
кој мислиш дека те наградува.
*
Синџирот не го чини затворот затвор, како што ни клучот не ја држи вратата заклучена - ами човекот.

Thursday, March 8, 2012

Жената



Наслушкување на психолошката свест ….
Зголемување и ојачување на сите сетила до степен на возвишеност и надчовечност . Подесување на мисли и чувства , вбројувајќи се во оние кои носат ореол на себе . Таа … Таа е.
Жена која ги заборавила сите претходни поколенија од големата фамилија , а ги запамтила само закопувањата. Закопите , погребите ….
Оди по улица, чекори  и ги собира мислите на странците , а всушност сите тие се нејзини . Присвоени без право на избор , без право на револт . Му верува на својот внатрешаен глас кога и вреска ,,можеш,, .
Таа .. жената со изгребаното лице , жената со лузна на левата дланка , жената со печат на десното рамо еднаш многу одамна чекореше низ годините , смеејќи им се на жртвите од нејзините соништа . Соништата кои беа кошмари , а таа си  ги љубеше –сите нив.
Таа .. жената со многу окови , ставени само на еден дел од телото  еднаш не многу одамна ја сретнав .
Чекореше со сета атмосфера околу себе , со голема склоност за привлекување , со сите приказни на странци околу себе. И , може да има и начини и причини  и се` да се случува надвор од нејзе , но таа останува . Останува секаде каде што не треба , покажувајќи му ја на светот својата издржливост , збојата неколебливост , својата суровост , дури и можеби својата убиственост.
Жената , жената со печат на десното рамо не повикува на помош кога ќе насети дека се ближи некој крај , туку од крајот ја вади сета самодоверба , ја пресретнува на пола пат ветувајќи си нов почеток . А кога новиот почеток ќе ја повика , му се предава ..иако знае дека има крај и тој.
Таа ..жената со изгребано лице , си го повраќа искуството кога голем дел од неа се коси со законите на измислената природа за само еден единствен поглед во Месечината . И , нејзините цели и амбиции не се нималку помали од било кои од оние на странците , иако желбите често пати и остинуваат , се ладат и мрзнат .
Таа жената со лузна на левата дланка , ја пушта мислата наместо себе  кога е во целосна изолација , да биде дел од нештото , од целината , од постоењето ….

Таа ..жената со изгребано лице , жената со лузна на левата дланка , жената со печат на десното рамо  денес има можност за отварање , можност да цапне длабоко , можност да згазне и да помине , можност за состојба за самољубење … но …таа …таа само изусти ,, Предај си ја шансата како твој подарок  за себе,, .

Порака 21


Почнуваме овде,
а завршуваме каде што сакаме.
Каде ќе не однесе средината - не знаеме!
Имаме илјада и една причина (па и повеќе)
а сепак се вртиме на погрешната страна.
Долги рокови, кратки испораки.
Силни, посилни, најсилни изработки.
Конструкција - љубов!
Изработка на впечаток од некој посебен, кој никогаш нема да се заборави.
*
Сите предрасуди кои го ограничуваат слободниот проток на чувствата заминуваат со изразот на љубов.

Wednesday, March 7, 2012

20 - та порака


Споредбено,
многу малку се збунуваме меѓусебно.
Јас не го брзам одот.
Ти не го успоруваш твојот.
Нови фази на тактот и изминатите етапи.
Движење, движења....
Вредно за чувствување,
уште повредно за живеење.
Живот?
Не - ЖИВОТ!
*
На грбот на секое деноноќие не стои ниту денот, ниту ноќта - туку луѓето.

Tuesday, March 6, 2012

Порака број деветнаесет (тишина)


Навивач надвор на работ од мнозинството,
набљудувач внатре - во своето.
Еден за друг сме.
Еден за друг не сме.
Нов циклус на емоции (не)разбирливи,
како да сме за хармонија и слобода во изразот,
а не второстепени актери.
Прескокнувањето ги прави луѓето премногу (на мал простор).
*
Во самотија се зборува само со срцето.

Monday, March 5, 2012

18 - та порака (поглед)


Дополнителна доза храброст за ризик и размислување,
и дилема поврзана со доаѓањето на брановите- голем па поголем.
Поинаква перспектива.
Внатрешна трансформација и резултат добиен предвреме.
Те познав!
Отпорот се јавува како причинител
за надополнување на резултатот.
Висам над тебе, но само духовно.
*
Пресвртот во надворешниот живот никогаш не доаѓа преку очите.

Thursday, March 1, 2012

Порака број седумнаесет


Се чувствува како да е на врвот на светот,
а не на врвот на јазикот.
Лага.
Вистина.
Наизменично.
И да сакаше да се задржи сама меѓу себе ќе се викаше поинаку, а не вака.
Тајна!
Чувство на предавство.
Десно надолу кон ножните прсти лежи тајна скриена на погрешно место.
*
Зборот е сосема доволен за почеток на една тајна.