...необично, задолжително, луцидно...

Thursday, September 27, 2012

Заминувања (незавршени писма) 2



5.
Следниот пат заминав во септември, месецот на преобразбите. Дваесет и трети септември  во 13:00 часот, токму кога денот пенетрирачки навлегуваше во дваесет и четири часовното деноноќие, да не речам секојдневие. Овде, во овој град летото сеуште поигруваше наоколу мамејќи ги сенките на луѓето да заиграат по бетонските плочки на улиците. Разигран септември. Беше средина на неделата и сите се чувствуваа веќе покомотно отколку на почетокот на седмицата. Наминав во цвеќарата близу до омилената ми кафетерија, но не да купам цветови туку само да им ја видам реакцијата на овенатост. Да, беа малку подовенати. Тажно!
На себе сеуште носев полу летна облека : светло сино здолниште од жоржет и иста таква кошула која слободно паѓаше на деколтето истакнувајќи ми ги сеуште правилните форми. Здолништето не ми ги откриваше ниту колената а сепак го чувствував секој поглед кој  доаѓаше кон мене и застануваше тука некаде. Пусти погледи и желби!Носев средно голема чанта, доволно во неа да го сместам најпотребното. На нозете носев високи потпетици - типично за мене, со боја на  убаво узреана банана и исто таков шешир кој ми го затскиваше речиси половина лице. Но устата  ми се гледаше. Денес не ставив кармин, усните ми беа природно црвени од синоќешното колебливо гризење размислувајќи за возот, за возовите. Смрдат возовите, па се прашував дали и патниците ја попримуваат истата таа смрдеа од нив или остануваат имуни на неа. Јас сеуште сум имуна. Фала ти  Боже, иако не верувам во тебе

Се сретнавме нешто пред  12:00 частот сосема доволно за да се забележиме како средба. За да ме забележиш како средба.  По игра на случајноста, во која сеопшто не верувам, и ти носеше шешир. Го носеше накосен на десната страна при тоа откривајќи ја левата за која сметаше дека ти е поубава. А јас, јас мислев дека целата лева половина, започнувајќи од врвот на главата па се надолу кон ножните прсти ти е погрешно преценета. Во твојата лева половина немало и сеуште нема ништо. Ти погрешно се процени всушност. 

Ми дојде одзади најпрво прегрнувајќи ми ги рамената а потоа и половината. Ме стегаше премногу силно но само за да ми ја откриеш машката доминација во силата. А умот? Умот ти беше настрана од сето ова. После неколку минутното впивање на  Шанелот кој испаруваше од мене ме поведе за рака и седнавме во најблиското кафуле.Дваесет и пет чекори.Понекогаш ги бројам. Не беше она добро познатото за мене, но направив отстапка.  Кавалерски ми го повлече бамбусовото столче и речиси ме вовлече во него. Нарача дури и за мене кафе, а јас ти дозволив – иако никогаш не го правам тоа. Можеби рамнодушноста  си го направи своето, па ете – ти дозволив.  Ме гледаше неколку мига и потоа почна да ми ја допираш десната дланка. Речиси нежно.  Помислив дека можеби денес ти е допирот поинаков, или само го посакав тоа. Којзнае, желбите и реалноста се косат  понекогаш. Се искосуваат. 
Кафето го голтавме двајцата набрзина. Небаре ќе немаше друго, па сакавме да му го осетиме сиот  вкус во една или две голтки. Перверзно!  Извадив цигара, ја наставив на муштиклата а ти со твоето внимателно однесување набрзина ми запали.  Вовлекував силно, онака како што сакаш ти. И` ме гледаше. Ме гледаше како да сум твојот одамна посакуван плен. А јас речиси невино уживав. Убави се погледите на крајот. Убави се погледите кон крајот. Убави се!
Со следната голтка веќе и го допив кафето.  Ја изгасив и цигарата, иако не беше до крајот.  Но ако. Сакам кога ќе можеш да го гледаш она што останало после мене, макар и тоа бил обичен отпушок од дамска цигара. Цигара која била во мојата уста, во која несомнено би посакал да си сега. Сиот ти. Кутар.
Набрзина станав, се наведнав кон тебе, го извадив шеширот за миг и ти дошепнав на левата страна `` Заминувам``.
Потоа со шеширот во раката побрзав кон бетонските плочки. Те оставив неколку мигови да гледаш во мојата коса а потоа ја покрив со шеширот. Знаев дека ти треба тој поглед затоа што следниот веќе ќе ти беше насочен во пепелникот со отпушокот.
Повторно те оставив денес и брзав да го фатам попладневниот смрдлив воз. Оној воз во кој патниците ја попримаат неговата смрдеа во кој јас сум само минувач. Оној воз кој несомнено води некаде - никаде!






No comments:

Post a Comment