...необично, задолжително, луцидно...

Thursday, October 18, 2012

Заминувања 4


 

Додека зракот светлина  исцртуваше сликовити шари на килимот ,огледалото ми дошепна една тајна. Ми рече дека лицето во кое сум во моментов изгледа многу бледо, па затоа побрзав да го поправам тоа. Седнав на столчето пред големото огледало и се зафатив за работа. Некако вообичаено си ја поткренав косата во неформална пунџа и ја прицврстив со стапче од слонова коска со цветни мотиви. Убав детал беше ова кој го купив првите денови кога стапнав во градчево, во антикварницата близу до големата библиотека. Ми го привлече погледот во излогот со својата едноставна раскошност и белузлавата боја. И сосема со причина, во излогот стоеа претежно темни работи. Само стапчето беше белузлаво и сјајно.
Ја наместив косата и се фатив за лицето. Образите ми гореа а боја од топлината не излегуваше за жал. Можеби тенот не попушта под чувствата. А горев.
Ја зедов големата четка за руменило и со два потега веќе бев  поправена од бледилото. На очите ставив незабележителна сенка , додека трепките ги истакнав со црна маскара. Црна како црна мисла. Веѓите ми беа уредни па не ги ни допрев, а усните ги исцртав со кармин со боја на есенска роза – црвени. Од ормарот го извадив црниот фустан кој многу ретко го носам, но несомнено денес му беше нему редот. Тоа е оној фустан кој го купив некаде пред две години , кога те запознав, и од тогаш сум го облекла само еднаш. Црн фустан, кој го љуби телото мое и паѓа сосема лесно како да не сака да изгуби ни дел од кожата која му се дава – мојата. Фустанот запираше точно на колената, но ткаенината ги допираше и нив. На половината имаше широк колан изработен од истата ткаенина, за која не знам речиси ништо освен дека ме милува. Ги облеков и црните чевли, два три пати го стегнав шишенцето Шанел му се насмевнав на огледалото и излегов.
Да, и денес беше ден за средба. Убав пролетен ден. Крајот на месец март, триесетти. Утрото ме мамеше да појдам во нашето кафуле, но разумот ми велеше да те сретнам на друго место. Да те сретнам некаде на плочките по уличката која води кон малото плоштадче . Го занемарив мамењето на утрото и продолжив по плочките наслушнувајќи си ги одзвонувањата од можеби тешките чекори. Бев наполно свесна дека повторно ќе заминам но сето тоа не ми причинуваше некоја нејаснотија или тешкотија. Веќе бев доволно ослободена и во заминувањата.
И додека занесно, а не занесено чекорев те здогледав како ми преминуваш од едно во друго око за на крај да ги исполниш двете и да се испречеш пред мене. Разменивме мириси и тргнавме кон неколкуте клупи веднаш до цветната градина. Разнобојно.
Во твоето движење денес по толку поминато време и по толку мои заминувања открив стравопочит.  Денес по толку време сфатив и дека луѓето се премногу мистериозни, и се со постојан извор на задоволства, а јас моето задоволство го наоѓав во чекорењето. И можеби ако продолжев со размислување ќе го променев мислењето или во најмала рака заминувањето да не ме прекина со допир на раката. Ја зема мојата лева дланка ја стави на твојата а потоа нив двете заедно ги стави на твојот десен образ. Помина неколку пати горе доле, галејчи си го образот со мојата дланка а потоаја бакна и ја спушти. Помислив дека ова е гест на љубов или пак можеби гест на нежност а не страв од осаменост. Јас и ти совршено добро знаеме кој е нашиот најголем страв , барем од ова гледиште.
Сега дури и се навали кон мене и можеби сакаше да ми раскажеш некоја приказна, но не го стори тоа. Само ме бакна на рамото, на делот каде црниот фустан немаше моќ на галење. Ме бакна и се тргна. Те погледнав со очи полни со приказни и бледило засенчано со руменило на ликот, очекувајќи да ми кажеш барем една од твоите премолчени нарации, но ти не го стори тоа. Само ме гледаше броејќи ги загубените мигови што минуваа низ нас и завршуваа некаде во ова мало градче. А јас? Јас имав веќе здрава цел и сурова реалнос т во сите ќошиња од мојот живот, и чувство кое ми вели дека сериозно треба да сум сама со себе на некое време. Седев уште малку до тебе размислувајќи за потеклата на сите наши мириси, мојот со име а твојот без име и потоа ја почувствував големата сила на моето денешно кревко тело и заминав повторно кон ситената на возот.
Заминав концентрирано оставајќи ти размислување зошто ми нудиш покана само за твоето богатство , а при тоа моето го отфрлаш секогаш на страна.
Повторно сфатив дека овде и на себе си, си важен само ти и твојата осаменост. Важен си само ти повторно. И денес кон крајот на едно време повторно заминав.

No comments:

Post a Comment